Стравот дека нема да бидеме сакани

Стравот дека нема да биде сакан може да го натера човекот целиот живот да го живее за одобрувањето на другите. Учи да кажува „да“ кога во себе сака да каже „не“, да се насмевнува кога го боли и да стане она што другите го очекуваат, само за да не биде отфрлен. Полека, вистинското лице се губи под маските.
Потребата за потврда изгледа безопасно, но може да стане ропство. Еден збор на пофалба го издигнува, критиката го скршува, а игнорирањето го повредува со денови. Тогаш вредноста на сопствената личност веќе не се доживува одвнатре, туку се моли и се бара во погледите на другите.
Тука започнува една тешка болка: човекот се напушта себеси за да не биде напуштен од другите. Ги погазува своите граници, ги крие своите рани, трпи неправди и почнува да верува дека љубовта мора да се заслужи преку жртвување на сопственото срце.
Бог не сака маска. Тој не бара докажувања ниту духовни достигнувања. Пред Него не е потребна слика за себе, туку вистина. Токму таму каде што човекот се плаши дека не е доволен, започнува средбата со љубовта која не се условува и не се преговара.
Исцелувањето доаѓа кога престанува гладот за одобрување од сите. Тогаш душата може да каже, без бунт и без страв: не мора сите да ме прифаќаат за да имам вредност пред Бога.Кога бучавата ја потиснува тишината на душатаБучавата стана едно од големите прибежишта на човекот. Телефонот, вестите, сликите, бескрајните разговори, музиката што постојано свири — сето тоа може да стане начин преку кој човекот го избегнува средбата со сопственото срце. Зашто, кога ќе настапи тишина, на површина излегуваат одложените прашања, стравовите, празнините и раните што немирот ги држел сокриени.
Не е најопасна бучавата околу нас, туку онаа што влегува во нас. Умот повеќе не се одмора, вниманието се распарчува на десетици страни, молитвата станува тешка, а душата ја губи силата да слуша. Човекот може да знае што се случува насекаде околу него, а повеќе да не знае што се случува во неговото сопствено срце. И тоа е страшна сиромаштија: постојано да бидеш поврзан со сите, а сепак длабоко да бидеш сам.

Вистинскиот мир не е отсуство на звуци, туку храброст да останеш пред Бога без прибежишта и без бегство. Таму се појавуваат неисцелените нешта, но токму таму започнува и вистината. Молитвата повторно го смирува и насочува умот, тишината го прочистува погледот, а душата открива дека не мора постојано да бега од самата себе за да може да живее.Кога раната нè учи да не му веруваме ниту на добротоПонекогаш човек повеќе не знае да го прими доброто без страв. Кога поминал низ многу разочарувања, почнува да се сомнева дури и во љубовта. Убавиот збор му изгледа како интерес, приближувањето како опасност, а подадената рака како почеток на уште една рана. Така се раѓа недовербата: не од злоба, туку од срце кое било повредено премногу пати и научило да се брани уште пред повторно да биде повредено.
Но постојаната одбрана со текот на времето станува затвор. Човекот повеќе не страда само поради оние што го повредиле, туку и поради оние на кои повеќе не им дозволува да му се приближат. Почнува да ги губи пријателствата, ја одбива поддршката и се плаши од искреноста. И, без да забележи, старата рана почнува да управува со новите односи.
Исцелувањето бара многу вистина. Не секој човек ќе нè повреди. Не секое приближување е опасност. Бог може да дејствува и преку луѓе кои не доаѓаат за да земат, туку за заедно со нас да го понесат товарот.
Повторно да научиш да му веруваш некому не значи да бидеш наивен, туку да имаш храброст да не ѝ дозволиш на минатото да ја одредува секоја средба во сегашноста.
Мајка Силуана Влад
Подготви Симеон Стефковски