Воспитанието не е спореден предмет - тој е најважниот
И сега, дали повторно треба да мудрувам?
Сликите и снимките – барем оние што досега стигнаа до јавноста, а сигурно има и многу работи што никогаш нема да ги видиме – се толку вознемирувачки што едноставно никој не може да остане рамнодушен.
Нема да бидам судија. За тоа постојат институции. Но секоја ваква деликвентска постапка заслужува соодветна казна и санкција. Без јасна одговорност нема ниту јасна порака дека насилството е недозволиво.
Сепак, мене повеќе од самата казна ме вознемирува едно друго прашање. Како овие деца, кои директно учествуваат во вакво насилство, немаат развиено чувство дека тоа што го прават е погрешно?
Не зборувам само за овој случај. Зборувам и за многуте случаи од минатото, како и за безбројните снимки од насилство и вандализам што секојдневно кружат по социјалните мрежи. Кога едно дете, кое сè уште расте и се оформува како личност, не чувствува дека понижувањето, малтретирањето или насилството врз друг човек – без разлика кој е тој – е нешто страшно, тогаш тоа не е само проблем на едно дете. Тоа е пораз за целото општество.
Причините се многубројни и сложени. Но повторно ќе го кажам истото: сè додека училиштето, веднаш по домот, не стане пред сè место за воспитување, градење карактер и развивање социјални и емоционални вештини, а не само место за меморирање небитни информации и исполнување наставни програми, нашите деца ќе продолжат интересот, припадноста и потврдата да ги бараат во виртуелниот свет. А тој свет, колку и да нуди поврзаност, многу често создава генерации со сè помалку емпатија и чувство за другиот.
Да, родителите се првиот и најважен фактор. Во семејството се поставуваат темелите на карактерот. Но училиштето е местото каде детето секојдневно живее, работи и се социјализира со своите врсници. Токму затоа неговата воспитна улога е огромна и не смее да биде потисната.
Неодамна во нашето училиште ни гостуваа колеги од музичкото училиште во Крушевац, Србија. Тие ни раскажуваа дека по трагедијата во „Рибникар“, во училиштата се ангажирани повеќе психолози и педагози, кои континуирано работат со учениците преку разговори, заеднички проекти, работилници и активности насочени кон нивниот емоционален и психички развој. Тоа не ги решава сите проблеми, но е порака дека општеството сфатило оти превенцијата не започнува кога ќе се случи трагедијата, туку многу порано.
Верувам дека сите што сме дел од образовниот процес носиме одговорност. Наставници, психолози, педагози, родители и институции – сите мораме навреме да ги препознаваме проблематичните однесувања и да му помогнеме на детето додека сè уште бара помош, дури и кога тоа не знае да ја побара. Затоа што зад агресијата многу често стојат болка, запоставеност, траума или чувство на отфрленост. Некои ситуации се навистина сложени, но токму затоа не смееме да се откажеме од превенцијата.
Во ваквите случаи нема победници. И жртвите и насилниците се деца. Едните ги носат лузните од претрпеното насилство, а другите се огледало на пропаднати семејства, нефункционален образовен систем и недоволна институционална поддршка.
Општеството не почнува да пропаѓа тогаш кога ќе се појави насилството. Почнува да пропаѓа тогаш кога ќе престане да го воспитува човекот.
https://www.facebook.com/share/p/1EJY2W1qci/
Simeon Stefkovski added a photo to the album: Белешки за животот