Богојавление - откривањето на Бог Троица

Празникот Богојавление (Θεοφάνεια) не е само историски спомен на Крштението Христово во реката Јордан, туку онтолошки настан, преку кој целото создание се воведува во нов начин на постоење. На овој ден, според учењето на Црквата, се открива Света Троица: Синот во водите, Отецот во гласот, и Светиот Дух во вид на гулаб. Оттука, водата станува носител на благодат, а нејзиното осветување не е симболично, туку реално и дејствително.
Големиот Богојавленски водосвет е богослужбен претвкус и најава на литургискиот целив – Светата Евхаристија. Во него се среќаваат космологијата, сотириологијата и антропологијата: светот се осветува, спасението се пројавува, а човекот се повикува кон заедница со Бога, која својата полнота ја достигнува во евхаристиското причестување.
Светиот апостол Павле, боговдахновениот учител на народите и длабокиот толкувач на тајната на спасението, во Посланието до Тит сведочи:
„Тој нè спаси преку бањата на повторното раѓање и обновувањето од Светиот Дух“ (Тит 3,5). Оваа „бања“ не се сведува само на еден историски крштален чин, туку претставува богојавленска и есхатолошка реалност, која постојано дејствува и се продолжува во животот на Црквата. Таа е влегување во новото битие, во обновениот живот во Христос, преку силата на Светиот Дух – светата тајна крштение.
Во Посланието до Римјаните, божествениот апостол Павле, дополнувајќи ја оваа вистина, ја продлабочува смислата на крштението како учество во самата тајна на Христовата смрт и воскресение: „Со Него, преку крштението, се погребавме во смртта, за како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во нов живот“ (Рим. 6,4).
Тука апостолот јасно покажува дека водата на крштението не е обичен символ, туку место на умирање на стариот човек и раѓање на новиот, што директно се надоврзува на Христовото слегување во водите на Јордан. Како што Христос ги освети водите со Своето присуство, така и верните, слегувајќи во нив, мистично умираат за гревот и воскреснуваат за живот во Бога.
Во молитвите на чинот на осветувањето на водата, Црквата сведочи дека материјата е призвана да стане сад на Светиот Дух. Во една од централните молитви се вели: „Ти Самиот, Човекољупче Цару, дојди и сега со слегувањето на Твојот Свет Дух, и освети ја оваа вода.“
Овде станува збор за епиклетичен акт, сличен на Евхаристијата. Водата, преку Христовото влегување во Јордан, ја прима способноста да лекува, да осветува и да обновува. Затоа свети Јован Дамаскин вели дека Христос „не се освети од водата, туку водата ја освети“.
Столбот на Црквата светиот Златоуст учи дека водата по Богојавление станува „оружје против демоните и лек за душата и телото“. Свети Василиј Велики ја гледа водата како „прва материја на животот“, која по гревопадот станала подложна на распаѓање, но преку Христос повторно се враќа во својата првобитна благодатна функција.
Во наведениот пасус од Богојавленската беседа, на Свети Григориј Богослов: „Христос се крштава – и светот се очистува; водите го примаат огнот на Духот.“
Парадоксот што свети Григориј го истакнува — огнот што не ја уништува водата, туку ја преобразува — е суштински белег на православната теологија. Тој го руши секој дуалистички или манихејски поглед според кој материјата е неспособна за заедница со Бога. Напротив, водата, како архетип на тварноста, станува носител и учесник на несоздадената енергија на Светиот Дух. Огнот на Духот не делува деструктивно, туку евхаристиски: не ја поништува природата, туку ја очистува, осветлува и ја возведува кон нејзината есхатолошка полнота.

Со тоа, крштевањето Христово се јавува како архетип и темел на секое христијанско осветување. Оној што е безгрешен влегува во водите не за да се очисти Себеси, туку за да ја очисти природата, откривајќи дека спасението не е правен акт, туку онтолошка реалност. Во Григоријевата мисла, водите на Јордан стануваат место на првата јавна синергија меѓу божественото и создаденото, предобраз на Црквата и на Светите Тајни, во кои тварното постојано го „прима огнот“ без да биде уништено.
Митрополит Антониј Блум Богојавление го толкува како момент во кој Христос „застанува во најдлабоката човечка темнина“. Тој вели дека Христос не влегува во чисти води, туку во води во кои симболично се насобрале гревовите на светот. Оттука, осветената вода станува сведоштво дека ниту една длабочина на човековото постоење не е напуштена од Бога.За митрополитот Блум, богојавленската вода е повик човекот да се соочи со сопствената внатрешна нечистотија, но и со надеж дека таа може да биде преобразена
Псковскиот старец Сава Остапенко поучува дека богојавленската вода не дејствува магиски, туку во соработка со верата и покајанието. Тој предупредува дека современиот човек често ја користи светата вода како „религиозен предмет“, без внатрешно преобразување.
Според старецот, Богојавление е ден на разобличување: или човекот ќе дозволи водата да го очисти срцето, или ќе ја претвори во празен обред. Така, светата вода станува и суд, и милост.
Големиот Богојавленски водосвет ја руши модерната поделба меѓу духовното и материјалното. Во него, водата станува сведок дека светот не е затворен систем, туку отворен кон трансцендентното. Човекот, кој ја прима оваа вода со вера, не ја консумира благодатта, туку влегува во однос со неа. Философски гледано, Богојавление ни открива дека вистинската чистота не е бегање од светот, туку негово преобразување. Водата, најобичната материја, станува икона на тоа што може да стане и човекот: сад на Светиот Дух, ако дозволи Бог да слезе во неговите длабочини.
Автор: Бејан Блажески
17ти јануари 2026 лето Господово