НАЈСТАРАТА УМЕТНИЧКА ИНСТИТУЦИЈА ОДБЕЛЕЖА 60-ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ
Даут-пашиниот амам е културен и духовен извор во кој уметноста опстојува веќе 60 години, претворајќи го во центар на современата културна активност, рече министерката за култура Канческа-Милевска
Скулпторот Боро Митриќески доби плакета
Најпознатата турска бања во Старата скопска чаршија, Даут-пашиниот амам завчеравечер како да се врати во минатото. Пред 500 години просторот веројатно зрачел со слична енергија. Стотици луѓе доаѓале да се видат, да разменат по некој муабет, да споделат некоја тајна, мисла и идеја.Даут-пашиниот амам завчеравечер, по многу години, во себе собра стотици луѓе. Надвладува впечатокот дека повеќето од нив не беа дојдени да гледаат уметност, туку да и да оддадат почит на институцијата што го прославуваше 60-тиот роденден, Националната галерија на Македонија.
Сите простории на амамот беа преполни со луѓе. Министри, политичари, верски великодостоинственици, дипломати, многу уметници и љубители на уметноста. Во првите редови беа министрите за култура, за образование и наука и за информатичко општество, Елизабета Канческа-Милевска, Перо Стојановски и Иво Ивановски, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, митрополитот полошко-кумановски г. Кирил, директорката на Националната галерија Маја Крстевска, бискупот Киро Стојанов. Зад нив беа уметниците, видни луѓе од културниот живот на Македонија, скулпторите и академици Боро Митриќески и Томе Серафимовски, уметниците Трајче Јанчевски, Нове Франговски, оперската пејачка Милка Ефтимова и многу други.
НЕПРОЦЕНЛИВА КОЛЕКЦИЈА
Свечената прослава почна со проекција на документарниот филм за галеријата „Светот на уметноста“ на младиот уметник и режисер Александар Спасоски. На присутните им се обратија првите луѓе на институциите што го организираа јубилејот.Министерката за култура рече дека Даут-пашиниот амам е простор во кој се направени првите вистински чекори во евидентирањето на македонското ликовно творештво.
- Ова место е културен и духовен извор во кој уметноста опстојува веќе 60 години, претворајќи го во центар на современата културна активност. Овој простор во секое свое катче крие една недовршена приказна, која секој посетител сака непосредно да ја доживее. А вредноста на делата е непроценлива затоа што тие се дел од богатото културно наследство кое ги бележи историските етапи на развојот на уметноста во нашава земја - рече Канческа-Милевска.
Борис Трајанов настапи со квартетот „Еквилибриум“
Според директорката на Галеријата, Крстевска, одбележувањето на јубилејот не е само завршување на еден циклус од нивната работа.
- Ова е и нов почеток од работењето на оваа институција, во која уметниците со децении ги реализираат своите идеи и го оставаат својот творечки опус. Годинава збирката се збогати со дела што на Галеријата и' ги подарија уметниците Боро Митриќески, Илија Аџиевски, Вана Урошевиќ, Новица Трајковски, Клод Дервен - рече Крстевска.Во рамките на свеченоста настапи оперскиот пејач Борис Трајанов, квартетот „Еквилибриум“ и музичкиот состав „Баклава“. Директорката Крстевска врачи триесетина плакети на своите соработници, меѓу кои беа Министерство за култура, на уметниците Родољуб Анастасов, Боро Митриќески, Томе Серафимовски, Трајче Јанчевски, весникот „Дневник“ и други.
МОНОГРАФИЈАТА ВО СЕНКА
Малку во сенка помина промоцијата на монографијата отпечатена специјално за јубилејот, која беше најавувана како луксузно издание. Во обемната книга од 160 страници најголем простор е отстапен на репродукции во боја. Претставени се дела од колекцијата - икони од 14 и 16 век, уметнички дела од Ѓорѓи Зографски, Димитар Андонов-Папрадишки, Коста Шкодренау, Димитар Пандилов-Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Хаџи-Бошков, Стефан Маневски, Драгутин Аврамовски-Гуте и многу други. Поместени се текстови од Мирјана Талеска, кустос-советник, и од Ана Франговска-Стојановска, кустос во Националната галерија.
Даут-пашиниот амам е споменик на османлиската култура. Го изградил Даут-паша во втората половина на 15 век. Градбата првобитно била поделена на машки и на женски дел и имала површина од 900 квадратни метри. Во 1948 година амамот бил реставриран и адаптиран за својата нова функција, националната институција Уметничка галерија „Скопје“. Пред неколку години институцијата прерасна во Национална галерија на Македонија.
Весна Ивановска
Фото Бисера Станковска