Овие ракописни книги најверојатно потекнуваат или се создадени во некој од соседните големи манастирски центри, како Трескавец, Зрзе или Слепче, и се со српска редакција, вели Зоран Богески, директор на Историскиот музеј во Крушево




Крушевскиот осмогласник“ бил пронајден во 1942 година во црквата „Свети Никола“

ВРЕДНИ ЦРКОВНИ КНИГИ ОД ИСТОРИСКИОТ МУЗЕЈ НА КРУШЕВО

Две вредни ракописни книги „Крушевски осмогласник“ и „Литургиски зборник со апокрифи“ се конзервираат во НУБ во Скопје. Ракописите, кои се доста стари, првиот датира од трета четвртина на 15 век, а зборникот со апокрифи од 17 век, се заштитуваат со средства од Министерството за култура, а се сопственост на Историскиот музеј од Крушево.
- „Крушевскиот осмогласник“ бил пронајден во 1942 година во црквата „Свети Никола“ во Кривогаштани. Бил донесен во Крушево, но кога и каде не знаеме, ниту, пак, како дошол во музејот. Во депото го пронашол проф. д-р Михајло Георгиески. На маргините на првата страница пишува: „Оваа книга е од црквата ’Св. Никола’ во Кривогаштани“. Осмогласникот беше многу оштетен, а сега верувам со конзервацијата ќе блесне во вистинско светло. Има летописна содржина со илуминации и претставува богат историски извор - вели Зоран Богески, директор на Историскиот музеј во Крушево.
Се верува дека и „Литургискиот зборник“ потекнува од кривогаштанската црква, или, пак, од некоја од околните крушевски цркви.
- Бидејќи тогаш Крушево било мала населба и немало црква од големи размери, затоа се верува дека е од околината. По 1942 година можеби се донесени во некоја од крушевските цркви, а потоа доставени до музејот по неговото формирање. „Литургискиот зборник“ е црковна богослужбена книга во која се пренесени религиски записи. Овие ракописни книги најверојатно потекнуваат или се создадени во некој од соседните големи манастирски центри, како Трескавец, Зрзе или Слепче, и се со српска редакција - додава Богески, потенцирајќи дека се работи за важни документи за историјата на Македонија.
По конзервацијата ќе бидат изложени во Музејот и ставени на располагање на научната јавност.
    
      
Автор: Каролина Мицевска

Извор: Нова Македонија

 http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9514162494&id=16&prilog=0&setIzdanie=23267