Не постои евиденција на ниво на држава за тоа колкумина од оние што се интересираат за верата се млади луѓе, сепак свештените лица информираат дека, во споредба со минатото, денешните младинци доаѓаат во црква и сакаат да знаат повеќе за својата вера
  
 
 

Се поголем интерес кај младите за верата

МАСОВНА ЖЕЛБА ЗА УЧЕЊЕ ЗА БОГА

Цели 70 отсто од слушателите на предавањата што ги држи отецот Ивица Тодоров во поголемите цркви во градот се млади лица на возраст до 25 години. Овој пример покажува дека младите сакаат да знаат повеќе за верата и да ја практикуваат. Иако нема веронаука како наставен предмет во училиштата, сепак на верските предавања во црквите младите се побројни од возрасните. Иако не постои евиденција на ниво на држава за тоа колкумина од оние што се интересираат за верата се млади луѓе, сепак свештените лица информираат дека, во споредба со минатото, денешните младинци доаѓаат во црква и сакаат да знаат повеќе за својата вера. Дека е тоа така показател е и константниот интерес кај родителите, нивните деца да изберат да го учат предметот етика во религиите, кој е изборен предмет во шесто одделение, а на кој учениците усвојуваат знаења од етиката што се темелат на православното христијанство, исламот, јудаизмот и другите религии. Овој предмет ја замени веронауката, чие изучување пред неколку години, со крајно дискутабилна одлука, беше укинато од Уставен суд. Освен етика, во шесто и во седмо одделение децата можат да го изберат и предметот запознавање на религиите, а на овие часови тие се запознаваат со вредностите на големите светски религии. Интересот и овде е константен уште од самиот почеток кога предметот беше воведен заедно со веронауката, во 2008 година.

Интерес како никогаш досега

Во чаирската црква „Св. Георгиј Победоносец“, но и во други цркви во градот отецот Ивица Тодоров држи предавања и курсеви на различни теми поврзани со христијанството. Таков е на пример курсот „Училиште за животот“ на кој доаѓаат слушатели што сакаат да знаат повеќе за верата.

- Има многу млади на возраст до 25-26 години што присуствуваат на овие предавања. Во изминатите години ова не беше случај, процентот на млади луѓе што се интересираа за верата беше значително помал. Сакам да нагласам дека слушателите што доаѓаат на предавања се луѓе што сериозно ги интересира верата - вели отецот Тодоров.

Ваквиот интерес го потврдува и отецот Сашо, кој е старешина на Соборниот храм.

- Ќе згрешам ако кажам дека денешните млади луѓе не се интересираат за религијата. Не можеме да калкулираме со бројки и проценти, но факт е дека младите, а и воопшто луѓето од сите возрасти што веруваат, сакаат да знаат уште повеќе - вели отецот Сашо.

За отецот Бобан Митевски од кабинетот на архиепископот г.г. Стефан интересен е податокот што млади до 25 години повеќе ги посетуваат црквите, повеќе се интересираат за верата отколку повозрасните граѓани.
- Сепак, на верските часови што се организираат во црквите поголем е бројот на повозрасните верници - додава Митевски.

Зоран Матевски, професор по социологија на религијата на Филозофскиот факултет, вели дека, според анализите што ги правел со своите студенти, пораснат е процентот на убедени, односно религиски едуцирани верници во државата. Вели дека сега процентот на традиционалните верници во земјата е највисок во споредба со претходните времиња и се движи меѓу 60 и 70 отсто.

Од друга страна, наспроти овие бројки, констатира дека Македонија е земја со мал број вистински верници што доследно ги почитуваат и практикуваат верските начела и принципи.

- За овие неколку месеци, од седум до 10 отсто е пораснат бројот на убедени верници. Тоа е доказ дека почнува да функционира веронауката во религиските храмови. МПЦ прави големи напори да организира верски предавања во храмовите, како и тие да бидат посетени од голем број верници. Исламската верска заедница е повеќе организирана во тој поглед. Во муслиманските семејства, децата уште од мали се учат да посетуваат часови во џамиите. Но МПЦ веќе се приближува кон ИВЗ - смета Матевски.

Родителите сакаат веронаука

Професорот Ратомир Гроздановски, кој предава на Богословскиот факултет во Скопје, пред четири години напиша учебник по православна христијанска веронаука за петто одделение, кој се користеше во наставата. Според него, и покрај тоа што овој предмет повеќе го нема во училиштата, кај родителите и кај младите има интерес за учење на верата.

- Онаму каде што среќавам луѓе, и млади и родители, сите искажуваат желба дека тоа е потребно, дека треба да ги изучуваат тие теми. Има потреба од создавање вредносен систем за животот воопшто. Но некако државата и МПЦ како да го затворија ова прашање, оти нема некои посебни интереси за повторно воведување на веронауката и затоа сум разочаран поради ова. Негодувам што направија етика во религиите да има како изборен предмет, оти тоа не е тоа што треба да биде. Како да се задоволија со некаков сурогат, а сурогатите се лоши - смета професорот Гроздановски.

Четворки и петки по етика во религиите

Петре Миленков, наставник што го предава предметот етика во религиите во основните училишта во општината Ѓорче Петров, вели дека децата сакаат да го учат овој предмет.
- Интерес за темите има. Самите часови се како работилници, правиме проекти за вредности, заеднички избор на личности што поседуваат вредности. Кај мене оценките се високи, кои се добиени со знаења - истакнува Миленков.

Учат како да останат мирни

Оџите од Исламската верска заедница во државата со години неколку пати во неделата, покрај одржувањето на молитвите пет пати во денот, држат и часови по веронаука. Плуми Велиу, битолскиот муфтија, вели дека 60 отсто од посетителите на џамиите во петок се помлади верници до 30 години. За децата од основно училиште се одржуваат посебни часови по веронаука, за време на викендите, каде што тие се запознаваат за основните елементи на верувањето. Се учи за практикување на исламот, како и за моралните и етичките вредности. Многу често се читаат и извадоци од светата книга за муслиманите Куранот.
- Верските предавања што се одржуваат во четирите џамии во Битола секој петок имаат големо влијание за задржување на мирот во општеството. Ги советуваме верниците како да останат мирни и да не предизвикуваат нереди. На пример, по карневалот во Вевчани имаше заканувачки најави и пораки, кои успеавме да ги надминеме, односно се обидовме да ги насочиме верниците поинаку да размислуваат и да избегнат конфликтни ситуации. Ние го работиме она што со граѓаните треба да го прават политичарите и државните институции - истакна Велиу. 

 Автор: Антонија Поповска-Христов / Радмила Заревска    Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Извор: Нова Македонија

19.12.2012