Прв реферат: Односот на Хрушчов кон скопскиот земјотрес

Стогодишнината на Букурешкиот мировен договор од 1913 година и неговите долгорочни последици за Македонија МАНУ ќе ја одбележи со научен собир, на кој еден од главните реферати ќе му биде посветен на придонесот на поранешниот лидер на некогашниот Советски Сојуз, Никита Хрушчов, во справувањето со последиците од скопскиот земјотрес.

Рефератот, кој ќе го поднесе Kонстантин Никифоров, кој е на чело на Институтот за славистика на Руската академија на науките, ќе се слушне на утрешниот почеток на Македонско-рускиот научен собор во Академијата. Тој е и предводник на осумчлената делегација на руските научници што ќе учествуваат на собирот, кој е дел од редовните научни среќавања меѓу македонски и руски академици посветени на различни теми. И другите седум реферати на руските научници не се занимаваат директно со причините и последиците на двете балкански војни и Букурешкиот договор од аголот на руската државна политика во тој период, туку со јазични и литературни теми.

Од македонска страна координатор на овој проект е академик Блаже Ристовски, кој на вчерашната конференција за печат се обиде да објасни зошто реферат со ваква тема се нашол меѓу научните трудови што треба да откриваат нови димензии на Балканските војни и Букурешкиот договор, кој има тешки последици за македонскиот народ.

- Учесниците на научниот собир сами ги избираат темите согласно своите интереси. Носечките реферати отсуствуваат поради чувствителноста на темата, а и луѓето што работат на оваа проблематика се ангажирани на повеќе собири. Нив ги имаше во повеќе земји во соседството и ~ беа посветени на годишнината на балканските војни. За нови сознанија потребни се нови истражувања - ни одговори академик Ристевски на нашето прашање зошто реферат за Хрушчов и за скопскиот земјотрес си најде свое место на научниот собир.

Другите руски реферати, на пример, му се посветени на двата лика од романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, на судбината на словенското население во Егејската Македонија, на видувањата на Лав Троцки за балканските војни. Само за неколкуте труда, какви што се, на пример, „Русија, Србија и македонското прашање во почетокот на 20 век“ или „Одразот на Букурешкиот договор во внатрешната политика на РМ 1991-2001 година“ може да се каже дека одговараат на темата зададена на научниот собир.

Академик Ристевски додаде дека по толку години не може да се очекуваат ексклузивни сознанија за Букурешкиот договор со кој етничката територија на која живее македонскиот народ беше поделена меѓу неколку балкански држави.

- Познати се договорот и сите негови детали. Нам ни се важни последиците, а тие се одразуваат во јазикот и во културата. Затоа имаме разновидност. Букурешкиот мировен договор е акт што е судбоносен не само за Македонија, туку и за поширокиот регион на Балканот. Овој договор најмногу ја засега Македонија, која со него прв пат беше поделена и како територија и како народ. Со него е определена судбината на Македонија, која денеска е во позиција да ~ се негира и вековното име - рече академикот.

Од друга страна, универзитетскиот професор во пензија Владо Поповски, кој е на листата на учесници, ни изјави дека не му е разбирливо каква врска има трудот за Никита Хрушчов и скопскиот земјотрес со Букурешкиот договор.

- Точно е дека Хрушчов го посети Скопје по земјотресот и многу помогна, но тоа нема врска со темата на собирот. Реферат со таква тема требаше да биде одбиен од организацискиот одбор. Не ми е разбирливо како Одборот го прифатил. Тоа е иронија. Ако е темата зададена, таа треба и да се почитува - изјави Поповски.

Тој додаде дека нема да се појави на собирот бидејќи не стасал да го напише својот реферат, кој беше посветен на темата „Русија и делбите на Македонија“.

Од македонска страна ќе учествуваат дваесетина научни истражувачи, кои ќе имаат трудови на различни теми.

Познато е дека рускиот комунистички лидер Никита Хрушчов, на чело на СССР, го наследи диктаторот Јосиф Всарионович Сталин и веднаш се дистанцира од него со силна критика. Тој го посети Скопје веднаш по катастрофалниот земјотрес со тогашниот југословенски водач Јосип Броз Тито. СССР даде голема парична и материјална помош за отстранување на тешките последици од стихијата. Неколкумина скопјани во своите сеќавања ги наведуваа средбите со Хрушчов меѓу разрушените згради.

Миновски: Европските големи сили го прекројуваа Балканот

Научен собир на тема „Македонија во балканските војни, Букурешкиот договор – 100 години потоа“ ќе се одржи и денеска, во организација на Организацијата на резервните офицери, Институтот за историја при Филозофскиот факултет на УKИМ и на Институтот за национална историја.

- Настаните треба да ги поставиме во поширок историски контекст. Досега главно се анализирани во однос на времето во кое се случувале. Ние сакаме да дадеме оцена на настаните и на рецидивите по едно столетие. Сметаме дека таа историска дистанца е најсоодветна за да се претстават и балканските војни и Букурешкиот договор, но и с` што е со нив поврзано, сите процеси и во Македонија и на Балканот – изјави професор Михајло Миноски, претседател на организацискиот одбор.

Тој додава дека треба да се даде научно видување за Македонија и македонското прашање во пошироки рамки.

- Kолку и како европскиот фактор имал влијание во промените и процесите на Балканот, с` до современите процеси кај нас. Тука е и аспектот како се одвивале процесите на меѓународното етаблирање на Македонија во тие констелации на Балканот и во Европа. Да објасниме и како европските големи сили го прекројуваа Балканот, да се покаже дека се има континуитет - вели Миноски. (И.K.И.)

Бранко ЃорЃевски- Дневник