По огромниот успех со „Последниот чај“, го добивме и новиот роман на Винка Саздова, „Полиња со диви нарциси“. Во нивно друштво на Саемот се и преводи на светски познатите автори Елиф Шафак, Џулијан Барнс, Робин Шарма, Салман Ружди, Итало Калвино и многу други.
***
„Детска радост“ ќе одржи промоција на хит-бестселерот на „Њујорк тајмс“, „Прв чекор кон вечноста: мојата приказна“ на музичката тинејџерска ѕвезда Џастин Бибер. Во книгата Бибер искрено и непретенциозно ја раскажува приказната за своето неверојатно патување од сиромашно момче од мало гратче во Канада до светски феномен. Извонредно дизајнирана и луксузно спакувана, книгата нуди ексклузивни и досега невидени колор-фотографии, кои го прикажуваат Џастин на сцената и зад неа, но и во приватниот живот.
***
Седмиот, последен, дел од серијалот книги за Хари Потер на македонски јазик, во издание на „Младинска книга“, насловен „Хари Потер и реликвиите на смртта“ од Џ.К. Роулинг е хит-книгата на овој издавач. Промоцијата ќе има осмислена програма и подароци за сите што ќе ја купат книгата. Роулинг со врвот на својата имагинација ја заокружува огромната лекција за да се биде лојален, искрен, верен, да се љуби и работи, да се почитува и размислува.
***
„Култура“ ќе се претстави со повеќе нови изданија како: „Шума“ од Харлен Кобен, „Дванаесеттиот ден“ од Вилијам Глестон, „Ајнштајновата девојка“ од Филип Сингтон и „Исчекувањата“ од Кетлин Мекгован. Во издание на „Култура“ излезе и најновото авторско остварување на актерот и писател Сашо Тасевски, „Аеродромци“, како и второто издание од неговиот роман „Пеперутка“. Гости на штандот ќе бидат Тасевски, Оливера Живаљевиќ авторката на потресната приказна „Родени предвреме“, и Јасна Петков Стојановиќ, кои ќе ги потпишуваат своите книги.
é é é
По повод јубилејот, 20 години од основањето, издавачката куќа „Матица“ објави дваесет нови дела од истакнати македонски писатели и научници.
Во јубилејната едиција се застапени делата на Јован Стрезовски, Владимир Костов, Благоја Иванов, Милован Стефановски, Матеја Матевски, Иван Чаповски и др.
Меѓу објавените книги се и „Манастирите и црквите во македонската народна традиција“ од Танас Вражиновски, „Од богатата културна ризница на Македонија“ од Димитар Ќорнаков, „Охрид“ од Коста Балабанов и др.
***
„Македонска реч“ организира гостување на Душко Родев, автор на романот „Човекот што ги сакаше калинките“, добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Најинтересно и најзначајно издание во понудата е обемната научна и патописна книга „Македонија“ на германскиот научник Франц Дофлајн.