Се обновува спомен-куќата на преродбеникот Васил Главинов, во година кога се одбележува јубилеј од неговото раѓање и смрт. По петнаесетина години од постојната поставка, посетителите ќе може да видат нова во неговата родна куќа. Етапно до крајот на годинава се реновира куќата, се поставуваат нови паноа и документи од животот на велешанецот Главинов.

- На јавноста ќе и' понудиме фотографии од неговиот живот и работа. За жал, за него нема многу достапен материјал во Македонија. Тоа што го има во Софија, Бугарија, за нас е недостапно бидејќи треба истражување и пари. Ние не сме толку финансиски моќни. Но, затоа се' што работел тука, во земјава, списанија, часописи, активноста како социјалист, ќе бидат презентирани на јавноста - вели Павлина Василева, виш кустос - историчар при Народниот музеј во Велес. Тие во овој период ќе се обидат во соработка со Музејот на Македонија, да пронајдат што повеќе материјали за Главинов и премиерно да и' ги понудат на македонската јавност. На околу 70 квадратни метри, колку што е корисен простор во родната куќа на Главинов, ќе биде комплетно обновена досегашната постановка. Со оваа активност Народниот музеј и локалната власт во Велес ќе го одбележат јубилејот од раѓањето и смртта на Васил Главинов (1869 -1929). Министерството за култура преговара да ја откупи соседната куќа за да може да се оформи поголема целина на спомен-куќата на Главинов. Тој со основното образование се стекнал во училиштето на Џинот, дел од животот минал во Софија, откаде поради тоа што е прогонуван се вратил во Македонија. Во 1894 година во Велес го основал Читалиштето, кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија.

(П.П.)