Во Арт кафето – Мала станица в понеделник (15 јуни) и вторник (16 јуни) со почеток во 21 часот ќе бидат репризирани по пет кратки филмови од програмата на последното, петто издание на филмскиот фестивал Астерфест кој неодамна се одржа во Струмица. Првата вечер (понеделник) ќе бидат прикажани српските ФАНТАЗМАГОРИЈА на Растко Ќириќ, ТОЧКА НА ПРЕКИН на Игор Тохољ, ХЕЛИУМ на Ѓузепе Скетино, словенечкиот ЦИКОРИЈА И КАФЕ на Душан Кастелиќ и германскиот ВО СНЕЖЕН ГЛОБУС на Ралф Бруги. Втората вечер (вторник) ќе се прикажат иранскиот РОЗОВИОТ ОБЛАК на Масуд Годсих, американскиот ПРЕОД на Стевен Кип Милс, холандскиот ТИВОК СНЕГ на Јан Ван ден Берг, британскиот ЈАЛДА на Естер Џонсон и полскиот БАБА ОТИДЕ на Томаш Јуркиевич. Инаку, Астерфест за ова лето доби покана за репризни филмски вечери и на Дојранските ракувања, Струмичкото културно лето, како и на Скопското лето, при што на 25 јуни во Кинотеката на Македонија ќе се прикажат филмовите кои ги добија главните награди. Организатор на овие проекции е Тивериополската филмска алијанса.

www.asterfest.mk