Првата вест која сакаме да ја споделиме е дека на 17 мај 2023 година МНК ИКОМ додели две значајни музејски награди на Националната галерија за 2022 година.

Првата награда која ја додели МНК ИКОМ на Националната галерија е МУЗЕЈ НА ГОДИНАТА, како резултат на богатата и квалитетна музејско-галериска програма на Галеријата во текот 2022. Оценките се за исклучителната видливост и препознатливост; инклузивност; работа со теми од особено значење за општеството: благосостојба, климатски промени, животна средина, одржливост. Проектите кои се причина за доделување на оваа награда, реализирани во минатата година се: Националното претставување на 59. Венециско биенале - „Пејзажно искуство“ на авторите Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски, потоа ретроспективната изложба на Димитар Кондовски, изложбата на Иванчо Талевски: „Пресек: Дама со девет камења“, претставувањето на меѓународно афирмираниот мултимедијален уметник Дриант Зенели со неговата „Трилогија: Под површината има уште една површина“, „Портретите на Илија Аџиевски“, Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски-Тофе, 30 години творештво на Нехат Беќири и од меѓународната соработка претставување на бугарската група XXL.

Втората награда со која се гордееме, МНК ИКОМ ја додели на кураторката Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија, за МУЗЕЈСКИ РАБОТНИК НА ГОДИНАТА. Наградата е резултат на нејзината посветеност и професионалност во музејско-галериската дејност!

Благодарност до МНК ИКОМ и Комисијата за доделените признанија по повод "18 мај - Меѓународен ден на музеите" кои во работата на Националната галерија препознаа квалитет, посветеност и одржливост. Овие награди се ветер во грб, воедно и одговорност за продолжување на стратегијата и исклучителната музејска пракса.

Понатака,

Како што информиравме претходно, а во насока на поддршка на формалното образование, развивање на креативни вештини и културна едукација кај најмладите, ја најавивме завршната манифестација на едукативната наградна игра „Лавиринт на уметноста 2“, наменета за основците. Играта која се реализираше во текот на април и мај 2023 заврши. На 18 мај 2023 - Светскиот ден на музеите, по пат на извлекување ќе бидат доделени стотина пригодни награди на учесниците кои ја решиле загатката на наградната игра и го пополниле прашалникот. Наградната игра и официјалното извлекување на добитници ќе се случи во Даут пашиниот амам во 12 часот.