Еден човек пред извесно време ме праша:
– Кога ќе оздравам?
– А! – му одговорив. – Штом кажеш: „Кога ќе оздравам?“, никогаш нема да оздравиш. Не е правилно да Му се молиш на Бог за такви работи. Му се молиш со немир, во агонија, да ти ја тргне болеста, но дури тогаш уште повеќе те опфаќа и уште посилно те стега. Не треба такво нешто да бараме во молитвата. Ниту, пак, ти немој да се молиш со таква молба.
Тој се уплаши, па ми рече:
– Зарем да не се молам?
– Како тоа го прашуваш? – му возвратив. Моли се, многу моли се, но моли се Бог да ти ги прости твоите гревови и да ти даде сила да Го љубиш и да Му се предадеш.
Кога Му се предаваме на Христос, нашиот духовен организам се смирува, а како резултат на тоа сите наши органи и жлезди почнуваат да функционираат нормално. На сѐ се шири благодатното влијание. Оздравуваме, престануваме да страдаме. Дури и рак да имаме, ако сѐ Му препуштиме на Бог и ако нашата душа се успокои, божествената благодат може со помош на тоа спокојство да влијае да исчезне и ракот, и сѐ останато.
Ако сакате да знаете, и чирот во стомакот се создава од невроза. Симпатичкиот систем, бидејќи трпи притисок, се стега и се разболува, па така се создава чир. Еднаш, двапати, трипати; стегање, стегање; жалост, жалост, жалост; вознемиреност, вознемиреност, вознемиреност – и оп, чир! Чир или рак, зависи. Кога во нашата душа постои смут и пореметување, тие влијаат на телото и нашето здравје се нарушува.
Не говорете: „Господи, исцели ме!“ Не! Туку: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“; несебично, со љубов, ништо не очекувајќи. „Господи, дај ми го она што го сака Твојата љубов“. Само така постапувајте отсега па натаму, со љубов кон Христос и кон браќата наши. Возљубете Го Христос! Бидете свети! Препуштете се само на пријателство со Христос, само на љубовта Негова, само на божествената љубов.

Старец Порфириј+

Избор од фејсбук страната на: Тимо Соколов