МИСИОНЕРСКИ ПИСМА
5. Писмо

До мајка која не можела да го најде гробот на загинатиот син
Го бараше, велиш, по сите воени гробишта. Патуваше од Златибор до Крф, до Солун. Се искачуваше на Кајмакчалан, на Мачков Камен. Се спушташе во долините на мртвите. Каде и да чуеше дека има воен гроб, таму побрзуваше. Молеше да ти ги читаат списоците на погребаните. И сама ги сричаше имињата на крстовите. Но — го нема и го нема.
Не тагувај, мајко мила. Голема тага е грев. Земјата е Божја, и сè што е на неа. Каде и да е гробот на твојот син, тој е на Божја земја. Кога ќе ја допреш црната земја пред прагот на куќата, ти ја допираш ивицата на гробот на твојот син. А Божјото Севидење око шета по земјата и ги гледа мртвите како и живите. Ако твојот син се сокрил од тебе, тој не се сокрил од Бога. Сам Бог го сокрил од твоите очи — за да го очисти срцето твое преку тагата и да ти подготви радосно изненадување, радосна средба со синот во Неговите вечни дворови.
Не се знаат ни гробовите на многу големи и свети луѓе. Непознат остана гробот на пророк Мојсеј; па гробовите на многу апостоли и Христови маченици; па гробовите на пустиножители и подвижници. Нивните имиња се со црвени букви во календарот. Го славиме нивниот спомен, им градиме цркви, им воздигнуваме молитви. А гробовите нивни не ги знаеме. Затоа немој да тагуваш што и гробот на твојот син ќе остане познат само на Севидењето Око — исто како и гробовите на толку многу светители и светителки.
Една мајка од Дебар имала син војник погребан негде во далечна земја. Поради староста не можела да му оди на гроб. Па се досетила старата душа како да го „прелие“ гробот на својот син. Секоја сабота одела на военото гробиште во Дебар. Таму лежеа умрени војници, чии мајки тешко ќе можат да дојдат на нивните гробови. И на тие гробови таа палела свеќи и шепотела молитви. И го молела свештеникот да „прелие“ и да го спомне името испишано на крстот — а заедно со него и името на нејзиниот Атанас.
И ти можеш да правиш така. И болката ќе ти се намалува.
Но уште поважно е да мислиш за душата на твоето дете, отколку за неговиот гроб. Зашто, глеј — душата неговa не е ниту во еден гроб на земјата. Таа е поблиску до тебе отколку до гробот. Имаше една друга мајка која, за време на војната, патувала на бојно поле за да го посети гробот на синот. Но гробот бил под боен оган, и не ја пуштиле. Неутешна се вратила дома. И тогаш — по Божја Промисла — ѝ се јавил синот во собата. Скокнала мајката и извикала:
„— Каде си, сине мој?!“
„— Патував со тебе, мајко, и се вратив со тебе.“
И уште ѝ рекол дека нему му е добро и дека треба да престане со плачот.
Престани и ти со плачењето — и почни со милостиња за покој на душата на твојот син. Со солзите доволно ја омекна земјата на срцето; време е сега да пуштиш плод да никне. А најзлатниот плод што од солзите расте — тоа е молитвата, милостињата и преданоста на Божјата волја. Нека ти биде молитвата како една крсна дашка, а милостињата — друга. Од нив направи крст за твојот син. Молитвата се издига во височина, а милостињата се шири во широчина. А кротката преданост на Божјата волја нека ти биде како железо што го прицврстува тој крст.
Не ја разделувај молитвата од милостињата. И тивката утеха од небото полека ќе слегне во твоето срце — како роса на жедна трева.
Мир и благослов од Бога.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски
10.12.2025
Друго:


