TVIT346


       ✥      Никогаш во човекот Го немало Бога помалку, драги браќа, отколку денес; никогаш Го немало помалку, отколку денес!
 Денес ѓаволот се овоплотил во човекот да го “разовоплоти” Богочовекот.
Денес целото зло се вселило во телото на човекот, за да го истера Бога од таму.
Денес целиот пекол се преселил на земјата.
Дали некој се сеќава, дека земјата некогаш беше рај?
Денешното паѓање на човекот е неизмерно поголемо од (првото) некогашното (Адамовото).
Тогаш човекот отпаднал од Бога, а денес (човекот) го распнал Бога, го убил Бога.
Човеку, како ти е името, ако не ѓавол?!
 Но, што зборувам јас? Тоа е навреда за ѓаволот.
Ѓаволот никогаш не бил така зол, така искусно злобен, како човекот. Господ Христос и во пеколот слегол, но таму не го распнале.
А ние Го распнавме!
Зар луѓето не се по лоши од ѓаволите?
Зар земјата не е попеколна и од пеколот.
Од пеколот не го протераа Христос,
а луѓето денес Го протераа од земјата,
 го протераа од телото, од душата, од својот град ...
 Во зеницата на мојата душа, браќа мои, како змија се всели една злобна помисла, и постојано ме измачува (ме прашува:)
дали некогаш човекот бил добар, штом можел да го распне Христос?
Ти веруваш во човекот, се фалиш со него, оптимист си?
Ох, види го човекот, види го човештвото од зенитот на Велики петок, види како човекот го убива Богочовекот, и
кажи ми:
зар и сега си сеуште оптимист?
Не се ли срамиш од тоа што си човек?
 Не гледаш ли дека човекот е полош и од ѓаволот?
 Заборавете ги сите денови пред, и сите денови после Велики Петок.
Разгледајте го човекот во границите на Велики Петок - не е ли тој зеница на секое зло, хиподром на сите искушенија, собиралиште на сите гадотии?
 Зарем денес полудила земјата во човекот?
 Зарем денес човекот убивајќи го Богочовекот, докажал  дека тој е навистина лудоста на земјата?
 Ни Страшниот суд, браќа мои, не ќе биде пострашен од Велики Петок.
 Не, без сомнение, тој ќе биде помалку страшен, зашто тогаш Бог ќе го суди човекот, а денес човекот Го суди Бога.
Денес е Страшниот суд за Бога!
Човештвото Му суди!
Денес човекот Го отценува Бога, Го проценува со триесет сребреници. Христос - за триесет сребреници!!!
Дали тоа е последната цена?
 Зарем Јуда е нашата последна реч за Христа?
Денес човештвото Го осудило Бога на смрт - тоа е најголемиот бунт во историјата на небото и земјата;
 тоа е најголемиот грев во историјата на небото и земјата.
И паднатите ангели не неправиле такво нешто.
Денес се извршил Страшниот суд над Бога.
Светот никогаш не видел по невино Осуден и побезумен судија.
 Исмејан е Бог пострашно, отколку кога и да било.
“Сесместливиот ад” денес се вселил во човекот и Го исмеал Бога и сѐ што е Божјо.
Денес е исмејан Оној, Кој никогаш не се смеел.
Се зборувало дека Господ Исус никогаш не се смеел, но често Го гледале да плаче.
Денес е понижен, Оној Кој дојде нас да нѐ прослави;
 денес Го мачат, Оној, Кој дојде нас да нѐ избави од маките.
На смрт се предава денес, Оној, Кој ни донесе Вечен Живот. Човеку, има ли крај твоето безумие?
Има ли дно твоето паѓање?
 Крстот, најсрамниот дар Му Го подаривме на Оној, Кој ни подари вечна слава. Прокажанику, Тој те очисти од лепрата, зар затоа ли му подаруваш крст?
Слепецу, Тој ти ги отвори очите, зар за да гледаш, та да направиш крст и да Го распнеш на него?
 Мртовецу, Тој те воскресна од гробот - зар Него да го положиш во својот гроб?
Со благи вести ја заслади Слаткиот Исус горчливата тајна на нашиот живот, браќа!
 За која од нив му даваме таква горчина?
“Народе мој, што ви направив?
 Не ја исполнив ли Јудеја со чуда? Не воскреснав ли мртовец со еден збор?
 Не исцелив ли секаква болест и тага ...?
Што ми дадовте?
 За исцеленијата - рани, за животот - Ме убивте и Ме распнавте на дрво”  ...
 Велики петок, браќа, е нашиот срам, и нашиот пораз.
Во Јуда Искариот имало по малку од секоја наша душа, од душата на секој од нас. Да не беше така ќе бевме безгрешни.
 Преку Јуда сите паднавме, сите го продадовме Христа,
 сите го предадовме Христа, и го примивме ѓаволот, и го прегрнавме сатаната.
Да, сатаната.
Зашто во светото Евангелие е кажано:
 “И после залакот, сатаната влезе во него” (во Јуда) (Јован.13:27).
После кој залак? После залакот што Христос му го даде!
После Причеста!
После Христос!!! Ах, има ли поголемо предавство, по голем ужас?
 Среброљубие, ти Го предаде Христа!
 Среброљубие, ти и денес Го предаваш.
 Јуда кој бил ученик Христов, кој три години бил со Него,
 кој присуствувал на сите Христови чуда, кој со името Христово очистувал прокажени,
исцелувал болни, воскреснувал мртовци,
изгонувал нечисти духови,
 истиот тој Јуда - среброљубието го направи предавник и Христоубиец;
 како тогаш тебе и мене да не нѐ направи предавнци и Христоубијци, мене, кој три години не сум го гледал Бога во тело, кој не сум ниту прокажани очистувал, ниту болни сум исцелувал, ниту мртви сум воскреснал со името Христово?
Јуда долго бил со Оној, Кој немал каде глава да подсклони, со Оној, Кој и на дело и со зборови учел, дека не треба да се носи ниту сребро, ниту злато.
А јас? А ти?
Ако не умееш да се радуваш во сиромаштија, брате,
 ако не можеш да си среќен во сиромаштија, значи ти си кандидат - Јуда. ⁰
Не прашувај: “Да не сум јас Господи?”
Зашто несомнено ќе ги слушнеш зборовите:
“Да, ти рече”.
Мечтаеш ли за богатство, гори ли во тебе желбата за пари, знај дека во тебе зачнува Јуда. Брате и пријателу, за цел живот запомни:
среброљубието Го распнало Христос, среброљубието го убило Бога.
 Среброљубието, од ученик Христов направило непријател, убиец на Христа. Но не само тоа: тоа го убило и Јуда.
Среброљубието го има тоа проклето својство - не само да го направи човекот Христоубиец, но и самоубиец. Во почетокот, тоа Го убива Бога во душата на човекот, и откако ќе Го убие Бог во човекот, тоа на крајот го убива и самиот човек.
 Смртта е страшна тајна, брате, но најстрашно е кога луѓето Го предаваат Бога на смрт, и сакаат да Го убијат, целосно да Го уништат, Тој да биде мртов, мртов - без остаток.
Денес е ден, кога луѓето се страшни за Бога, зашто Го мачат Бога како што никој никогаш не Го мачел;
зашто тие плукаат по Бога,
како што никој никогаш не плукнал;
тие Го бијат Бога, како што никој никогаш не Го биел.
Нека замолчи се` што се нарекува човек!
“Да молчи секоја плот човечка” !
 Нека никој да не се фали што е човек, никој да не го фали човештвото, зашто ете:
 човештвото не Го трпи Бог крај себе, тоа го убива Бога.
 Дали е за фалење тоа човештво?
Нека никој не се фали со хуманизмот!
Ах, та тоа е сѐ, едноставно - сатанизам, сатанизам, сатанизам ...
Денес, не бесовите, не ѕверовите, не чакалите, но луѓето исплетија венец од трња на главата Христова.
Со венец од трње е крунисан Оној, Кој човекот го овенчал со безсмртност. Венец од трње плети човештвото околу главата на Оној
 Кој исплетил венец од ѕвезди околу земјата!
Венец од трње за Христос плетам и јас,
 и ти, пријателу, ако сум среброљубец, ако сум блудник, ако сум прељубодеец,
ако сум богохулник, ако сум клеветник, ако сум “оговарач”, ако сум пијаница, ако сум немилостив,
 ако сум гневлив, ако имам грешни мисли,
ако имам нечисти чуства, ако немам вера, ако немам љубов.
 Секој мој грев, секој наш грев е трн, што ние го плетиме во проклетиот венец, венец што безумното човештво непрестајно го плете околу главата на Господ Исус Христос...

 ✥

https://www.facebook.com/search/top?q=%D0%B7%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B0 ✥

Архимандрит Јустин (Поповиќ)