Sv.Nektarij.Eginsk.Jako

ИСКУСТВОТО НА СВЕТИИТЕ

TViTer166.lestvica

“Не можете да го контролирате видот на критика што ќе ги примите, но можете да контролирате начинот на кој ќе реагирате”.
Остин Клеон


Чувствувам дека токму тоа го направил свети Нектариј Егински. Со други зборови, начинот на кој тој реагирал не само на критиките, туку и на клеветите, т.е. на патолошката и болна форма на „критика”, бил таков што успеал да преобрази една очигледна неправда во благослов и извор на осветување.
          Тајната на светителите, која тешко ја применуваме во нашите животи, е токму тоа што преку Христа ја прифатиле и ја преобразиле раната, траумата и неправдата на животот во славословие, благодарност и пат кон заедница со Бога и со своето најдлабоко јас.
           Тоа го направил свети Нектариј - клеветата, злобата и потсмевот од страна луѓето ги претворил во пат кон Бога. Колку повеќе војувале против него, толку повеќе тој се зацврстувал во Божјата прегратка. Колку повеќе го огорчувале, толку повеќе тој се сладел со Христовото присуство. Св. Нектариј е веројатно еден од најклеветените светители од последните векови.

Hristos.LEStvica


           Тоа е силата на Божјата благодат, која кога ќе наиде на човечко смирение и добрина, во односот на заедницата со Него, раните ги претвора во чуда. Св. Нектариј не дозволил злото да влезе во него. Тоа не значи дека не чувствувал болка и вознемиреност како човек, но не се затворил во силата на злото. Тој не се загубил во зборовите и мрачните намери на неговите обвинители.
          Што сака злиот? Да те види дека страдаш, дека се разочаруваш, дека си оставен и паднат во очајание, т.е. близу до адот. Злиот се радува кога те гледа како  умираш, т.е. не го живееш дарот на животот. Св. Нектариј не му направил таква услуга. Со силата на својата вера во Бога, но и со својата рамнодушност кон човечките пофалби, не ја прифатил играта на своите обвинители. Тој не го променил својот живот и пред се не дозволил да прекине радоста на Духот што го населувала неговото срце.
          Не ја презел улогата на несреќен и онеправдан човек. Напротив. Се издигнал над сопствената  рана. Со сигурност неговото свето и чувствително срце доживувало болка, но не останал во неа. Тој го прегрнал своето искушение и заедно со својот крст настојувал да живее за слава на Бога и Неговата Црква. Не очекувал се да врви добро, за да живее. Не создавал илузии, дека маките и болките на овој живот некогаш ќе завршат,и  затоа не  очекувал да престане бранот, туку научил да плива и среде бурата. И покрај сенките што се појавиле на хоризонтот од неговиот живот, свети Нектариј избрал да ја види светлината зад облаците, синевината на работ на маглата. Тоа е искуството на светиите - раната да ја претворат во чудо.

 TViTer569


Автор: о. Харалампиј Пападопулос
Извор:богоносци.бг
За Преминпортал : Симеон Стефковски

 

Ноември 2022 лето Господово