TVIT646

РАСУДУВАЊЕ


                 Многу прашања во животот ги догматизираме. Дури и јас понекогаш се фаќам како апсолутно сум категоричен за одредени ставови, иако не би требало да е така. Мислиме дака на тој начин постигнуваме нешто, демонстрираме увереност, решителност и стабилност, додека на крај демонстрираме теснина на умот и срцето, а со тоа една закоравеност, која се предизвикаува од нашето его. Важно е за некои прашања, особено оние кои имаат директна или индиректна врска со духовниот идентитет, да не правиме компромиси. Да размислиме дали прашањето кое произлегува од секојдневието со краен резултат го става во опасност нашиот духовен идентитет, дали со погребувањето на нашиот духовен идентитет ги закоравуваме каприциозноста и тесноградието.
               Неменливоста е неопходна во однос на љубовта кон Христос и ближниот. Навистина треба да бидеме непроменети во однос на смирението и едноставноста, во однос на послушанието на Црквата и нашиот духовен отец. Навистина нашата вера и доверба во Бог не треба да бидат ставени во сомнеж. За сѐ останато можеме да разговараме, да слушаме мислења, да размислуваме. Секако ќе слушнеме различни мислења за одредени животни проблеми, но што се однесува до верата, таа не е нешто за кое треба да се преговара. Некој може да има поразлични мислења за Христос од тоа кое Црквата го учи, и тоа е негово право, макар што ние не можеме тоа да го прифатиме.
              Според св. Николај Велимирович, „ако речам дека почитувам туѓо мислење, на пример на оној кој хули на Христос, тоа е како да сум го прифатил тоа негово мислење“; според тоа, невозможно е да речеме дека ги прифаќаме сите мислења за сите прашања. Едно е правото на секој да искажува свое размислување за одредено прашање, а друго е да го прифаќаме секое размислување кое противречи на нашата вера. Секој има право на свое размислување, но тоа не значи дека е должен да го прифаќа туѓото. Има разлика меѓу двете. За некои прашања неопходно е да сме категорични – нема место за половичност, за копромис и отстапка.
Самиот Господ со сите луѓе бил кроток и разговарал, но се наложило да им каже и „Тешко вам!“ на фарисеите за да ја покаже својата позиција. Тој не велел: „Го респектирам вашето мислење и ништо не велам“, но жестоко го осудил нивното лицемерие, болна религиозност, безумен схоластицизам.
              Христос на земниот живот имал едноставност и затоа толку многу бил достапен. Не бил далечен, зол, чуден, каприциозен. Сите ги слушал, но со сите не се согласувал. На едни им одговарал, пред други замолчувал, со едни бил категоричен, со други – покажувал компромис, на едни им зборувал директно, на други во параболи.
                  На кратко, неопходно е да имаме расудување. Ако немаме расудување ќе го догматизираме расцветувањето на косата и ќе правиме отстапки на решенијата на Вселенските собори; од една страна ќе спориме за тоа, колку точно треба да трае Светата Литургија, или колку долги треба да се брадите и косите на свештениците, а од друга страна ќе правиме компромис со еден живот во плотски наслади, амнестирајќи ги нашите страсти со изговор дека времето се измени, а нема да изговараме ниту збор за спознавање на каноните и епитимиите кои отците ни го наложиле за различните гревови, тогаш велиме дека треба да трпиме и да снисходиме. Страшно е што недостасува покајанието! Духовникот ќе покаже трпение кон некого, кога тој ќе се покае, но кога нема покајание, таа трпеливост ќе му наштети. Факт е дека има луѓе кои не го спознаваат гревот во себе. Единственото нешто кое се бара е согласување на Црквата со новите зададености, односно промената на Христос, Кој веќе е застарен и не е современ, не е модерен! Некои ја оспоруваат бојата на одеждите кои свештениците треба да ги облечат на некој празник (и не дозволуваат збор да им кажеш), или, дали треба да се пеат одредени стихири на вечерната богослужба.
                  Во исто време, истите тие луѓе, разговараат дали на Светата Литургија лебот и виното се претвораат во Тело и Крв Христови!
                     Сето тоа нема расудување, со тоа покажуваме само одредени познанија без да имаме опит со Христос.
Расудувањето не може да дојде без себепознанието, себепознанието не може да дојде без смирение, и смирението не може да дојде без Божјата благодат која нѐ просветлува и осветува преку послушанието на Црквата и нашиот Спасител Исус Христос и нашето раководство од духовниот отец. На тој начин покажуваме дали сме недостојни да знаеме сѐ, односно признаваме дека не сме авторитети, и напротив, многу пати ги слушаме нашите страсти и нашето лицемерие.


Архимандрит Павлос Пападопулос
Превод: Свештеник Игор Пармачки
Православна светлина бр. 49

Преземено од МИСИОНЕРСКИ ЦЕНТАР