
Боголикоста во нас
Времињата никогаш не биле поинакви од денешните. Човековите непреобразени страсти постојано го валкале неговиот божествен образ и го деформирале, сè до целосно губење на боголикоста во себе.
Најмногу ме растажува што, и покрај достапноста на информациите и нивниот непрекинат проток преку медиумите и социјалните мрежи, не станавме поразумни, туку сè почесто стануваме нестрадални и бесчувствителни. Светот е во постојана сеизмичка активност на војни, глад, крв и агонија, како ниту за миг да не постои надеж дека површината ќе се смири и дека барем накратко ќе можеме да здивнеме.
Арената на светските случувања не треба да нè претвора во медиумски воајери. Таа треба да биде извор на плач и молитва за секој човек што страда. Зашто Бог од нас не бара да бидеме џелати и судии. Бара срце што ќе може да го прегрне секој човек – и добриот и лошиот, и праведниот и грешникот.
Ќе рече некој: „Многу е тешко денес да се живее.“ Да, тешко е. Но кога не било?
Интензитетот на лошите вести што постојано нè гушат не треба да нè прави судии, туку молитвеници; не пасивни набљудувачи, туку луѓе што страдаат со оние што страдаат.
Боголикоста на нашата душа е токму во љубовта и во молитвата – за секој еден роден и за секој еден што допрва ќе се роди во овој свет.
Светот страда. Но страда и поради секој еден од нас. И можеби токму затоа промената не треба да ја бараме прво во светот, туку во сопственото срце.
Симеон Стефковски
12.09.2026