4vek1

(За историјата, спроти Велигден)

Не сум психијатар, но од книжевноста се учат многу работи. Така, на пример, од драмскиот текст „Паралелни светови“ на мојот хрватски пријател Миро Гавран, врз „жив пример“ (книжевен лик) научив што е дисоцијативна фуга. Таму, ликот околу кој се врти сѐ, професорот економист Адам, откако ќе ја затекне сопругата во неверство со најдобриот пријател, заминува во банка да ги подигне сите пари и да фати пустелија. Арно ама, само што ќе влезе, почнува грабеж на банката; добива удар по глава и го губи помнењето. Се разбира, сите ќе помислат дека тоа е поради повредата, ама во добрата уметност површината крие длабочина – амнезијата кај Адам всушност е психолошки одбранбен механизам, кој се вклучил уште пред ударот: потсвесна промена на идентитетот, или дисоцијативна фуга, стручно кажано. И додека сите од семејството го бараат низ Загреб, Адам почнува нов живот со една случајно сретната вдовица во Риека, на која ѝ се претставува како Борис. Тој, иако конфабулира, верува во својата приказна: дека се вика Борис, дека долги години работел како детски лекар близу Париз, дека имал сопруга Жилиен, која неодамна починала, дека дури имале и своја клупа во блискиот парк… Кога неговите ќе го најдат под име Борис, шокирани се од илузионистичката моќ што човековата психа ја има кога (макар и потсвесно) ЌЕ РЕШИ да си го смени идентитетот. Таа приказна, за која Адам може и да ве убие ако му кажете дека е измислена, е преполна со толку детали што се ежите од нејзината фикционална ВЕРОДОСТОЈНОСТ.

Примерот покажува дека дури и кога човек лично ќе си го смени идентитетот, кога ќе одбере нова иднина, мора „ретроактивно“ да си обезбеди своја историја. Без таа историја Адам не би можел да има иднина со вдовицата од Риека. Мајсторите на реализмот стратегиски преферираа два прозни микрожанрови, за да нѐ убедат дека тоа што ни го раскажуваат НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИЛО: биографијата и генеалогијата (родословието) на ликот. Со нив се „усидрува“ ликот во минатото и со тоа да се прави „вистинит“. Како што се гледа, ни книжевниот лик, иако е „суштество од хартија“, не може без своја историја.
Реторичкото прашање гласи: можно ли е сите припадници на еден народ, во еден ист ден, во иста секунда, да заболат од дисоцијативна фуга? На референдум, на пример? Се разбира дека не може. Но некои од нас се однесуваат токму како да заболеле од партиска дисоцијативна фуга. Вистинското прашање е: во која нова историја ќе се усидри колективниот лик на македонскиот народ, по дисоцијативната фуга, за да си изгледа самиот себеси „вистинит“?
Таа историја е нужна и, најверојатно, веќе се пишува. Ќе ја испишат балканските држави, под менторство на панпланетарниот неоисториски институт за пластична хирургија на народите. Сега се шират и шарлатански идеи да се најмат компетентни, светски, „објективни историчари“, за да ја напишат таа историја. Значи, нашиве се ем субјективни ем неучени. А никој на овие наши плитко образовани Европејци не им кажува дека „ОБЈЕКТИВНА ИСТОРИЈА“ е контрадикција ин адјекто, како „дрвено железо“. Историјата е секогаш тестимонијална, зашто се базира на сведоштва, а тие се субјективни дискурси, исфокализирани низ идеолошки и персонализирани низ психолошки леќи.

Но и таа идеја за „објективна историја“ од „компетентни“ и „непристрасни“ светски историчари, иако во основа наивна и сервилна, е подобра од претходната идеја за аисторичност, искажана низ она слабоумно (а не слободоумно) „проевропско“ тврдење: „Што ќе ни е историја, свртени сме кон иднината?“ Полека ни станува јасно дека историјата мора да постои, зашто поимот „утре“ и во семантичка и во праксеолошка смисла постои само по однос на „денес“. А „денес“ не би постоело ако нема „вчера“. Минатото има една вредност што иднината ја нема: тоа веќе било, а иднината никогаш не е дојдена, зашто се остварува само преку „сега“, кое се движи: со секоја секунда „сега“ се поместува кон иднината. Минатото не се движи: тоа е имобилизирано, статично, и САМО по однос на него се забележува дека „сега“ се движи. Затоа, не е можно да постои народ со идеја за иднина, а без своја историја: историјата е часовникот што ја мери иднината. Така вели феноменологијата на времето. Дури и насилната промена на идентитетот (калемењето) подразбира да се прифати НЕКАКВА историја: барем историјата на накалеменото. За да се биде временски ориентиран.

Адам е пример за индивидуално идентитетско „ресетирање“ со нова, измислена историја. Но постои и еден друг, уникатен вид промена на индивидуалниот идентитет, кој не бара, па дури и не дозволува никаква претходна историја: замонашувањето. Тоа е комплетно ресетирање, буквално старт од нула: Савел стана Павел. Притоа, секој што се замонашува, го прави тоа од љубов кон Бога, индивидуално, а не колективно, под принуда или „надгласан“ на референдум. Го говорам ова зашто неодамна некој напиша дека принудната промена на македонскиот идентитет може да се смета за врвна христијанска доблест: проштевање на гревовите на ближните (Грција и Бугарија) и еден вид политичко „замонашување“ на цел еден народ. Но, се разбира, не е така. На тој мали Ѓокица, кој најде „религиозно“ алиби за пластичните хирурзи на идентитетот, не само што ништо не му е јасно од историјата и христијанството туку не му е јасно ни од науките. Науката знае дека добра компаратистичка студија не е таа што ги гледа само сличностите туку и разликите. Во спротивно, науката станува униформирање: насилно бришење на разликите, па можно е да споредите комета со слон, само затоа што и едното и другото имаат опашка.
Затоа, секоја компарација на замонашувањето со политиката на идентитетско разобличување е неумесна. Прво, токму на Бугарите и на Грците им прилега да се покајат за своите историски гревови кон Македонија, а не нам; ние кон нив немаме колективни гревови. Второ, говорејќи за монашењето, Свети Јован Лествичник вели: „Човек кој навистина го љуби Господа, кој го посакува идното Царство и кој навистина страда поради своите гревови – веќе не е во состојба да води сметка за имотот, парите и славата на овој свет, за родителите, пријателите, браќата, ниту за што и да е земно“.

Како тогаш оние што веруваат дека во политиката воведуваат христијански принципи, водат сметка токму и само за тоа: за роднините, пријателите, славата и имотот?
Затоа, кој сака партиски да се замонаши – нека си ја избрише меморијата. Само, кога веќе колективно се замонашуваат, нека проверат од каква љубов и кон кој бог го прават тоа. Да не излезе дека се замонашиле заради смртен бог: златно теле во кое се претвори славната крава Европа, на која дури и мудриот Зевс едвај ѝ пристапи престорен во бик, за да ја заведе. А ние пристапуваме како овци.
Вистинскиот бог е жив и бесмртен. Затоа, на православните: честит Велигден, Христос воскресна! На другите – среќа, љубов и здравје!

(*Забелешка: Нашиот редовен колумнист Венко Андоновски поради лични причини ќе паузира неколку вторници.)

 

Извор:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d0%ba%d0%b0%d0%ba%d0%be-%d0%b4%d0%b0-%d0%b7%d0%b0%d0%bc%d0%be%d0%bd%d0%b0%d1%88%d0%b8%d1%88-%d0%bf%d0%b0%d1%80%d1%82%d0%b8%d1%98%d0%b0/

 

 Друго: