„Возљубени, да се отрезниме од прелеста на овој свет, како што Му ветивме на Бога на светото Крштение, велејќи пред многу сведоци во црквата: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела и од сето служење нему“. Мнозина го прекршуваат ова ветување, творејќи дела ѓаволски, затоа судот за нив ќе биде тежок, бидејќи тогаш нема да има можност за покајание. А делата на сататната, од кои сме се откажале, се овие: поклонување на идоли, верувањето во среќа и во полаза, во гракањето на птиците, лекување на болести со баење и со вериги, братоомраза, клеветење, разбојништва, кражби, грабежи, завист, гнев, горделивост, пијанство, блудствување, омраза, јарост, скржавост, немилосрдност, среброљубие. Ова се делата на сатаната. Ако ги оставиме овие лоши дела, тогаш ќе влеземе во Царството небесно. Со овие ѓаволски дела самите ние го навлекуваме на себе гневот Божји„ свети Климент Охридски

 

Во миговите кога сеуште се брои времето, во исчекување на Христовото Воскресение во Кого настапува вечноста во сета Негова полнота, и кога треба да замолчиме во едно умносрдечно: Господи помилуј, не запираат мислите за придобивката од смртта, како што вели светиот апостол Павле, и за животот откриен во Христа како смисла и наша цел. А, сѐ што е соединето со Бога е спасено, и не ни останува ниту еден најмал „маневар„ во насока на оправдување дека ја запоставуваме и смислата, и целта на нашиот Живот, ако веќе Го споменуваме Господ. Не толку одамна на Запад, беше особена актуелна разликата на културата на смртта, и културата на животот, иако третирана само во рамките на моралното однесување на човекот во светот, кон себе, и кон ближните, сепак дава поента на она што сакаме да го кажеме како осврт за она што една груба на ФБ-социјалната мрежа го има групирано под наслов: „Штетното влијание од турските серии„. Веднаш да го кажам сопственото мислење, не станува збор за штетно влијание на турските серии, туку станува збор за тотално затупување преку овие серии.

Овие серии, поимот униние го обвиле во обланда наречена, „разонода„, т.е. гледам турска серија заради тоа што немам што да правам, немам што друго да гледам, а и за да не ми биде досадно. Што понатаму да се објаснува, со кошаркарски јазик, ова е трпл-дабл учинок на нас гледачите во корист на духовна статистика која е неконкурентна во натпреварот за животот, како и културна залепеност, рефлексија на нашата незаитресираност за спасението, а која интересно е пополнета со вести и турски серии. Дали ви текнува на онаа срцеразорувачка клетва од сериите: „Господ да те казни„, која се повторува најмалку двапати во една серија, а серии има најмалку по три на пет ТВ-канали, и кога сето тоа ќе се помножи, ќе видиме дека самите сме се казниле гледајќи во екраните и слушајќи го тоа. Овие серии не тангираат никаква сериозна критика, нив ги следи препораката: ефтинија што пополнува време за губење. Порака од серијата: ништо.


Слушаме за обичаи, имиња, и разноразни случки кои не кореспондираат со она во што ние сме растеле и во кое живееме, па чудно е како се поистоветуваме со некои случки и ликови од ТВ сериите. Во петстотини години од отоманско владеење, бевме заинтересирани само да го сочуваме литургискиот бит, а преку него и припадноста на народ Божји кој живее на овој простор. А, денес доволно е да се помине пред малиот екран, за никогаш да не ни текне дека во недела и за празник се оди на Литургија, вака ако продолжиме ќе заборавиме дека носиме христијански имиња, и да не даде Бог да заборавиме и дека сме крстени. Треба да знаеме дека секоја од овие серии која не подлежи на сериозна критика, и која не носи некоја порака која би нѐ натерала да се преиспитаме себе во своите постапки, не може да се смета за никакво културно достигнување, бидејќи станува збор само за инфлација на ТВ и филмската индустрија, која е далеку од она што го подразбира филмската уметност. За кои категории на културата можеме да зборуваме во една серија? Сфаќаме дека таа воопшто ни оддалеку  не може да се смести во она погоре споменато, култура на животот. Ако не се развиваме во културата на животот, тогаш неизбежна е смртта, но онаа потешката, духовната смрт, ништото. Иако, ова општо нема да стигне до сите, сепак нека допре до христијаните и оние што особено се трудат да живеат во Црквата, дека образованието се гради според Христа, а воспитанието во Христа. Христос е основа на нашата култура која ја именуваме по Него како христијанска, таа култура подразбира живот во Христа ослободен од зависностите кои се развиле како резултат на гревот, и кои не држат во заробеност од разнобојните нијанси на падот, наспроти светлината кој сме ја примиле во крштението.
Лекот за истоштеноста која не ја забележуваме од нашата хипнотичка приврзаност за сериите се нарекува: воспитание. Воспитание е процес на созревање и растење во кое се храниме со вечните вредности дадени и релизирани во Христа, а Кој нам ни се преподава на Светата Литургија. Немаме ли континутет во литургиското воспитание, не ли ги живееме деновите за средба со Христа во Денот Господов (недела и празник), тогаш сме откинати од културата на животот, стануваме подложни на стихиите од светот, талкаме кон бесцелното ништо. Без хранењето т.е. воспитанието со Христа, ќе го загубиме и образот Божји. Зарем, може човек да се мисли за човек без воспитание, зарем ќе може воопшто да разбере како образ дека ќе ја одржи слободата која му е дадена од Бога, или ќе биде подложен на ропство и на губење на христијанскиот идентитет.

Живееме во светот каде што многубројните компромиси ни го разнишуваат не само христијанскиот идентитет туку и човечкото достоинство, толку заробени од некултурата ја промашуваме најважната литургиската прозба по принесувањето на светите Дарови, прозбата Господ Бог да ни ја испрати благодатта и дарот на Светиот Дух (умносрдечната молитва). Откинати од литургиското восптание се потешки за рабирање ни се прозбените и благодарствените ектении, многу разбирливи ни се боза-сценаријата од филмовите каде не вртат како и помислите во еден вител, од горе, надолу, а треба да ги отфрламе помислите, во таа насока и зависноста од сериите за да можеме не да се поистоветиме со ликовите од тие сапуници туку да се потрудиме да ги поддржуваме делата на на нашите светители кои ни се пример како образот Божји се вподобува на Бога воспитувајќи се во заповедите Христови. Најстрашното е, брзаме да не ги испуштиме термините за серија, а никогаш не брзаме да не ги испуштиме богослужбите во храмот Божји, кои и онака редовно ги пропуштаме. Знаете, кога ќе се спомене Македонија, културата на Македонија, секогаш се поистоветуваме со светите Кирил и Методиј, со светите Климент и Наум Охридски, тие се нашата ознака и модел за образование и воспитание, но за жал со нашите усни сме блиску до Бога, но со срцата сме далеку од Него, како што вели нашиот Господ. Во една француска поговорка се вели, дека кога сѐ ќе пропадне културата ќе остане како бедем, но, за жал ќе додадеме дека ако бедемот наречен култура (мислам на православниот светоглед) ќе биде доведен во прашање, тогаш зарем ќе можеме за нешто воопшто да разговараме освен за кичот, одразот на илузија во која се наоѓаме глумејќи дека сме живи, а сме духовно мртви.
И додека ги пишувам овие редови, мојата најстара ќерка ги гледа згодите и незгодите на „Вљубениот ерген„, а мене не ми преостанува ништо друго освен да нафрлам некое зборче со кое би и го свртел вниманието, а најдобро е да се помолам, оти слободата на избор е неприкосновена за човекот независно од неговата возраст, но секогаш останува онаа забелешка на обожениот Апостол, дека, сѐ ми е позволено, но сѐ не ми е од полза. А, дефинитивно разнојазичните сапуници не ни се од полза, го губиме вниманието, а работата ја запоставуваме, мислев на онаа молитвена работа, иако треба да поработиме и со рацете за да не атрофираме во сивилото кое ни се дава како сервис преку сите можни екрани на овој свет.
П.С. На времето старо, младо, машко и женско, на нозе се кренало за сопствена слобода, а денес, старо, младо, машко и женско покрај телевизор залегнало заробено од она, од кое нашите претци се ослободувале. Навистина сериите ги нарекуваат сапуница, но ние изгледа сме меурите од сапуницата кои летаат бесцелно и на крај, ќе пукнат. Зарем треба да биде таков нашиот живот? Од Бога осмислен со цел, а ние го претвораме во бесцелност преку стихиите на страстите по кои се раководиме. И да не забораваме на препораката од нашиот свет патрон за многубројните работи од кои сме се откажале, а кои се присутни во сериите од кои сме хипнотизирани.


ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА НАШИОТ ГОСПОД.

презвитер Горан Стојчевски

 

Извор: ПРЕМИН бр.121/122

23-ти август 2017 лето Господово