Откако огласените излегле, свештеникот ги чита молитвите на верните и започнува подготовката за Свештената Трпеза: свештеникот го одмотува антиминсот (платното) врз кое ќе бидат положени Даровите. Иже херувими е песна, чија содржина нè подготвува за она што следи: учеството во Трпезата. Следува Великиот вход на кој се принесуваат подготвените елементи (лебот и виното). И овој вход понекогаш се толкува символично, како одење на Христос на Голгота, но принесувањето на лебот и виното, всушност, претставува движење на целата Црква, таа се принесува себе.

Лебот и виното се наша храна, дадена од Бога, од која зависи и нашиот живот, и во таа смисла тие се реален символ на нашиот живот. Жртвата која ја принесува Црквата е, всушност Жртвата Христова, која е принесена еднаш засекогаш. Значи, принесувајќи се себе, Црквата Го принесува Христа. Затоа на Проскомидијата, кога свештеникот од просфората го подготвувал Лебот, вади делови од него и ги става на дискосот: Агнец – Самиот Христос, но и честици кои ја претставуваат Богородица, небесните сили, живите и упокоените, т.е. целата Црква, возглавена од Христос и соединета со Него. Се молиме Господ Бог да нè спомне во Царството, бидејќи Неговото спомнување за нас, значи наше постоење.



По входот доаѓа т.н. Канон на Евхаристијата, самата кулминација на Литургијата и на нашето движење кон небесата. Верните прво го исповедаат своето единство во љубовта и верата: „Да се возљубиме“ и „Символот на верата“. Пред Символот, свештеникот возгласува „Двери, двери“, т.е. се напомнува дека ова е Тајна во која можат да учествуваат само верните, а не и надворешните. Огласените и оние што нема да се причестуваат веќе се надвор, а верните се собрани „зад затворени врати“ за да Го сретнат Воскреснатиот.



Лебот и винoто се на престолот. Следи Канонот на Евхаристија, во кој се исполнуваат три нешта: Благодарење, Споменување и Принесување.

Започнува дијалог меѓу свештеникот и верните: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос…“ – „И со твојот дух“; „Горе да ги имаме срцата“ – „Ги имаме кон Господа“ (веќе сме Горе). Доаѓа врвот: „Да Му благодариме на Господа“ – „Достојно и праведно е“. Следи евхаристиската молитва, Благодарењето, суштината на Литургијата: Достојно и праведно е Тебе да Те фалиме… Му благодариме на Бога, на неискажливиот, за сè: за создавањето од небитие во битие, за повторното (пре)создавање по падот, за целиот Домострој на спасението во Христа.

(продолжува)
Прв дел  Втор дел

Г.Г.