Лукав и прељуботворен род бара знак

otecNAUM5

„Лукав и прељуботворен род бара знак и нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона.“Овој евангелски отсечок е како порачан за промашени монаси. Монахот е некој што воопшто не би требало да биде свртен кон надвор од себе – во некакво очекување, во некакво барање, во некакво планирање и некакво такво надворешно делување.

Богочовекот Христос го исполни целиот Очев Домострој на нашето спасение и го вложи во нашето срце како подарок, преку несоздадената Божја благодат на Крштението. Наше е само преку смирено – во послушание, и молитвено распнување на умот, да го активираме тој дар како наше лично воскресение. Тоа е знакот на Јона пророкот, што единствено ќе ни биде даден – посебно на нас, монасите

.„Ниневијците ќе станат на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона; а еве, тука е Поголем од Јона.

“Читав негде кај отците од пустината за еден брат, што заедно со други браќа монаси, посетиле еден познат старец. Откако го чул словото на старецот, за разлика од останатите, тој се појавил повторно кај него после неколку години. Старецот зачудено го прашал – каде бил до сега. А овој му одговорил дека, толку време му требало да го исполни неговото слово, па сега дошол да чуе ново. Зарем ова не е покајание, деца? Зарем ова не е насоченост кон внатре, наместо постојаната свртеност кон надвор и очекување на ново слово, заборавајќи го претходното - неисполнето.

„Царицата на југот ќе се крене на суд со ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од краиштата на земјата, за да ја чуе мудроста на Соломон; а еве, тука е Поголем од Соломона.

“Словото на Епископот изречено на светата Литургија има поголема тежина од проповедта на Јона и од мудроста на Соломон; да внимаваме да не ни биде на суд. Посебно, ако е од опит кажано и ако сме постојано во можност да го слушаме и читаме, а ништо не правиме – да го исполниме.

„Кога нечистиот дух излегува од човек, минува низ безводни места барајќи одмор, и не го наоѓа. Тогаш вели: ‘Ќе се вратам во својата куќа, од каде излегов.’ И кога дојде, ја најде празна, изметена и уредена. Тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе; и влегуваат и живеат таму; и последната состојба на оној човек станува полоша од првата, така ќе му биде и на ова зло поколение.

“Ова, што сега го чувме - демоноопседнатоста, е резултатот на промашен или неправилен духовен живот; и не толку поради некакво лошо однесување, колку поради задоволување само со формата - колку поради млакото, одбивното сведоштво; и не толку како видлива форма, туку како енергетско зрачење. Ова посебно важи за промашените монаси; за оние кои не се трудат да го стекнат дарот на умно-срдечната молитва. Забораваме дека срцата ни се превасходни примопредаватели на нашата лична енергија и ништо не можеме да сокриеме од никого, а камоли од опитните; посебно – не, нашиот празен живот.

 

Митрополит Струмички Наум