(Од архивата на Преминпортал)
„Градењето на храмови во коишто ќе се слави верата во Триединиот Бог, е богоугодно дело што заслужува пофалба во овој, но и во векот што доаѓа. Но, вистински светото градење на храмови започнува внатре во нас, во соградувањето на свештениот олтар на нашето срце.
Затоа, апостолот и ден денес нѐ прашува: „Не знаете ли дека сте вие храм Божји, и Духот Божји живее во вас?“6, потсетувајќи нѐ дека „Севишниот не живее во ракотворни храмови.“
Со градењето на храмови, но уште повеќе со нашето вградување во нив, ќе може да Го препознаеме Христа како наш, а Тој нас како Негови.
Во раната Црква, во видението кое што му било дадено на светиот апостол Ерма, Христос ја разгледува градбата на Црквата, и од неа ги отстранува сите камења кои не ѝ одговараат: кои се преголеми, премали, извалкани, неизбрусени, црни и празни.
Предавајќи ги во опитните раце на Пастирот, им дава уште една можност да добијат удел во градбата на Црквата. Дел од нив, по обработката, се вклопуваат и го наоѓаат своето место, но дел од нив ја заслужуваат осудата и биваат фрлени далеку од Кулата8.
Ние сме камењата во рацете на Пастирот; да се погрижиме да ја обработиме земјата на нашето срце, да ја изораме нивата на нашиот ум, да ги очистиме дамките од нашето тело, за на тој начин како вистински неракотворни храмови, во нас да засветли светлината на богопознанието и Божјата љубов преку бескрвно и чисто служење.“
+++
„За образец на нашиот подвиг, секогаш да го имаме светиот великомаченик Георгиј, чијшто спомен е вечножив меѓу нашиот македонски народ. Овој млад трибун, чијшто татко исто така, беше Христов маченик, го презре овој свет и сето тоа што светот му го нудеше, и го избра патот на животот, Христа, Кој е Пат, Вистина и Живот13. За неговата вера и ревност Христос обилно го награди, творејќи чуда преку него уште за време на неговиот живот: мртви воскреснувајќи, заблудени обраќајќи, незнабожци покрстувајќи14.
Да се покаеме добро, да се отрезниме од безумието и злото, трудејќи се во акскетско-литургискиот живот на Црквата, во слава на Единиот Бог Отец, и Синот Негов Единороден, и Духот Свет. Амин.“