о. Горан Стојчевски
ДАР НА СВЕТОТ, ИКОНА НА ЧОВЕКОТ, УЧИТЕЛКА НА ПОСЛУШАНИЕТО, ПЕДАГОГ НА СЛУЖЕЊЕТО, ПРВИОТ ИСИХАСТ, РОДИТЕЛКА НА ВЕЧНИОТ ЖИВОТ, БОЖЕСТВЕН ЦВЕТ НА Сè СОЗДАДЕНО
(ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦЕ, СПАСИ Нè)



„Она не е божица, Она е нешто попрекрасно и позначајно за нас. Она е Богородица, а јас, како да ти објаснам за Неа драг читателе, кога тие зборови ги нема„.- митрополит Наум

7.Vselenski.sobor


„Кога и да се загледаме радосно во иконата каде што Мајката Божја е со Богодетето в раце, ние одново почнуваме да ја согледуваме онаа единствена и вистинска слика на светот, животот и човекот...во Неа ни се откри вистината за нас самите„.- о. А. Шмеман


Вообичаено издвоените цитати на секој текст ги избирам откога ќе го завршам текстот, сега, прво нив ги издвоив за да можам некако да почнам, да пишувам за Пошироката од небесата, а сепак ова само се зборови, слова на грешен човек, кој на Страшниот и општ суд нема да се срами за своите мисли,зборови и дела од Самиот Спасител, туку ќе се срами од Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.

Нема да кријам дека и првиот цитат издвоен од целината* зборува сè (проповед „Она не е божица, Она е Богородица, митрополит Наум, Водоча, 2016 год.),не зборуваме за догматската точност, исповедничката благодарност и благородното сведоштво кое извира од личниот опит, кој нема потреба да се троши на објаснување на догматите кои ревносно го утврдиле почитувањето на Мајката Божја, наспроти сите ереси и застранувања кои произлегле токму од непочитувањето на Богородица, оттогаш, за жал и до ден денешен. Вознемирувачки не е, ако тоа се случува кај останатите, туку меѓу православните кои можат да бидат молчаливи кон секоја навреда, но не и кон Мајката на Вечниот Живот. Нема потреба од објаснувања, туку како драги читатели да се свртиме кон суштината, дека молитвеното искуство кон Богородица, Таа единствена тихувателка и патоводителка низ исихијата, нè приведува во заедницата од која се откинавме, а еве повторно ни е дадена можност, не само да се вратиме, туку да црпиме благодат врз благодат, како што вели светиот Јован Богослов, токму преку Богородица, Која од името на светот и човекот му кажа да на Бога, а потоа сите зборови на Својот Син ги сложуваше во срцето, покажувајќи совршен пример на молитвено тихување, послушание и служење. Ако Христос, Единородниот Син Божји е единствената, очистителна, искупителна и спасителна Жртва за човекот и светот, Пресвета Дева е дарот на светот и човекот на Бога, каква синергија, неиглаголива ненаметливост на Божјиот домострој!

Kако што забележал еден отец, Евангелието ни зборува: „зашто Бог толку го возљуби светот што го даде и Својот Единороден Син...„, но, Црквата, одговара на таа благавест: „Толку светот Го засака Бога што му ја даде Онаа во чија убавина и чистина се открива смислата, содржината и целта на светот„. Продолжувајќи можеме да се внурнеме во содржината на божиќните химни, како што вели отецот, си спомнуваме на стиховите:

„Што да Ти принесеме, Христе? Сè што создаде Те сретна Тебе со своите дарови. Небото Ти принесува – ѕвезда, ангелите песна, мудреците – дарови, пастирите – радост, земјата – пештера, пустината – јасли, А, ние луѓето, Ти принесуваме на дар – Мајка и Дева...„

** („Смислата на празниците„,о.А.Шмеман, Икона, Скопје 2008 год.).

Во Дева Марија се одвива светотаинското венчавање на Бога со светот и исполнување на взаемната љубов на Бог и светот. Бог ни дарува живот во Христа, но човекот ја дарува Пресвета Дева за да влеземе во Ток живот. Преку Неа Синот Божји стана Син Човечки, за ние во Неа да станеме синови Божји. Иако, светот по гревопадот се оддалечи од Бога, а Бог определи преку избраниот народ, Дева да зачне и да роди го роди Емануил, што значи со нас е Бог, но сепак во сите религии колку и да било затемнето сеќавањето за избавувањето на светот и човекот од гревот, смртта и ѓаволот, сепак среќаваме за култови за Големата Мајка, за Вечната родителка, со што како што вели антропологот Мирча Елијаде, да се организира светот, за да се објасни тајната на неговото создавање и обновување („Историја на верувањата и религиските идеи„, Табернакул, Скопје, 2005). Кога веќе ја споменавме темнината, да го споменеме и свети Григориј Палама, кој низ личен опит и само низ кратка молитва го објаснил дека просветлувањето во Христа е единствено можно низ молитвеното застапништво на божествениот цвет на сè созададено, Пресвета Богородица, и вели: Господи Исусе Христе, по молитвите на Богородица, просветли ја мојата темнина. Надоврзувајќи се на Палама, свети Јосиф Исихаст, сведочи дека нашиот труд во молитвата е поврзан со дарот на солзите, штом го чуеме името на Пресветата Владичица и преслаткото име Исусово, веднаш да ни надојдат солзи.

Наоѓајќи се во манастирската црква во која заради просторот е изоставен архиерејскиот трон сето споменување на Великиот Вход неминовно те води со погледот кон иконата на Пресвета Богородица, уверувајќи ме дека нашите Предложени дарови по Нејзините молитви ќе бидат принесени и примени, за сите и за сè. Бидејќи само Дарот на сето човештво и од сиот свет, може да ни овозможи да ги примиме Телото и Крвта Христови и така соединети со Него, да го измоли за нас дарот на Светиот Дух, умносрдечната молитва која таа ни ја откри како срж на православното предание.

Но, редно е да замолчиме и да се внурнеме во тишината на зборовите од молитвата, Богородице Дево, која е врата за сите свети Тајни и чинодејствија во Црквата, а со мир да излеземе во светот повторувајќи непрестајно: Пресвета Богородица, спаси нè.


П.С. Сега ни е јасно дека Пошироката од Небесата не може да се смести во схоластичкиот шаблон за Неа, наречен мариологија во кој иако се собрани сите догмати на Црквата за Неа, сепак така терминирано и шаблонски грешиме и лутаме, надевајќи се само на својата логика и разум, а пред сè треба да се гради само низ личен опит, личниот однос преку молитвата, а потоа нема да ни бидат потребни повеќепотребни објаснувања.

 

Извор: ПРЕМИН бр.139/140

 

30ти ноември 2019 лето Господово