Браќа и сестри! Минатата недела Светата Црква положи цветови во нашите раце, и како да ни рече: „Видете како бесловесната природа е послушна на нејзиниот Создател. Започнувајќи со деновите околу Божик, земјата се врти кон сонцето, кое пак, започна да ѝ ја дарува својата живототворна топлина. И природата не е неблагодарна кон нејзиниот Создател. Како одговор на Неговото милување, таа ја раѓа оваа славна убавина, овие цветови, и понатака, ќе роди плодови. А што се случува со нас? Како одговор на духовната топлина на Божјата Благодат, богато излиена врз нас, дали Му принесуваме духовна убавина, цветови, плодови на добродетели на нашиот Создател? На крајот од краиштата, Тој постана Човек заради нас, умре заради нас, воскресна заради нас, се вознесе на Небесата за да ни Го испрати Светиот Дух. Зарем не е оваа природна убавина околу нас прекор за нашата совест? Да, така е. Но уште повеќе, ние сакаме да ја оправдаме нашата небрежност, нашата неблагодарност. Христовите заповеди се прекрасни, велиме ние; и доколку сите луѓе започнат да ги исполнуваат, тогаш сета земја би била преобразена во една прекрасна божествена градина. Но, дали е ова возможно за слабите човечки слики? Денес, оваа Недела, Неделата на сите Светии, одговара на ова прашање толку гласно, што сиот свет го слуша одговорот: Да, возможно е.

 3.angeli.so.truba

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и ближниот. Своевремено, времињата во кои живееле биле тешки, можеби и потешки од нашите денес; и неретко, околностите во кои живееле биле духовно поопасни, но и световно полоши. Но тие истрајувале, се бореле, и го достигнале небесното пребивалиште каде сега се прославени.

Погледнете само на фреските во нашата црква, и ќе ги видите: маченици, исповедници, подвижници, Христа ради јуродиви, богослови, лаици, богати, сиромашни, епископи, монаси. Ова е Небесната Црква. Таа е сеопфатна, и исполнета со земната, Црква која се бори. Во неа има место за сите нас. Тоа ни го вели и денешното апостолско четиво: „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и гмев, што лесно не опкружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Началникот на верата и Завршителот на верата“ (Евр. 12,1-2). Замислете само: сите светители биле живи луѓе, како што сме ние. И како нас, сите биле различни; и нивните патишта биле различни. Но сите тие, апсолутно сите, имале три карактеристики кои сите подеднакво ги поседувале. А тие квалитети ни се посочени во денешното Евангелие. Тие се обврзувачки за секого, што значи, и за нас; не можеме да побегнеме од нив.

3.angeli.so.truba

Еве ги: „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен“ (Мт. 10,32). Ова е првата. Не гледате ли, браќа, колку е ова важно за нас, современите луѓе? Затоа што, светот денес ќе нè запраша: „Дали си Христијанин, или си еден од нас?“ Не смееме да го оставиме неодговорено ова прашање. Во нашите зборови, нашите дела, нашите мисли и чувства (затоа што нашите чувства на некој начин се пренесуваат и на другите), мора гласно и цврсто да им одговориме: „Да, јас сум Христијанин!“

Еве ја и втората: „ Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мeне; или кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Мт. 10,37). Овде и сега, Господ ја бара од тебе и мене оваа посветена љубов – да Го љубиме Него повеќе од секого и сè. И само преку ваквата љубов кон Него ќе бидеме вистински способни да ги љубиме ближните, непознатите, па дури и непријателите.

И конечно, третата карактеристика: „и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Мт. 10,38). За ова не треба појаснување. Секој од нас има сопствени жалости и маки во животот; тие се лични за секој од нас. Тешко е, претешко, но таков е нашиот живот; а ова значи, таква е Божјата Волја за нас.

Да Му благодариме на Господа дури и за крстот што ни го дал! Без него, не можеме да се спасиме. А Господ сака сите да бидеме спасени, и да земеме удел во Славата на сите Светии, кои денес ги славиме.

Архиепископ Андреј Римаренко

Извор: http://pravoslavie.mk.